
Наместо пенали: Светскиот фудбал е зрел за воведување на – војна на голманите (ВИДЕО)
Вакво решавање на средбите извесен период имаше и во поранешна СФР Југославија, каде што и на лигашките дуели по реми се изведуваа пенали за тоа кој ќе добие екстра бод. Во МЛС лигата отидоа и чекор понапред, барем на олстар-дуелот, на кој имаше „војна на голманите“, нешто што би можело да биде иднина на светскиот фудбал. Американците најавуваат дека во иднина нерешените средби би можеле да се решаваат на овој начин, на големо задоволство на присутните на стадионот, особено по неинтересни средби кои завршуваат 0-0.
Војната на голманите е релативно едноставен концепт, а форматот на МЛС е прилично едноставен. Се поставуваат две голови на растојание од приближно 20 метри. Голманите смеат да ја шутираат топката кон спротивниот гол во рок од шест секунди откако ќе ја земат во раце. Натпреварот трае 90 секунди, а победник е оној голман што ќе постигне повеќе голови.
Иако ова на прв поглед може да изгледа како малку чудна и стереотипно „американска“ забава — дизајнирана за Тик Ток публиката - таа одамна е омилена вежба на тренинзите за голмани. Дефинитивно нешто што ФИФА и УЕФА би можеле да го имплементираат не само во своите натпреварувања, туку и генерално во лигашките средби под своја капа.