Ристовски: Предложивме откажување на ЕМОФ поради неподготвеност на МОК, но бевме - одбиени!

Во македонската јавност и понатаму има реакции за условите во кои се одржа Европскиот младински фестивал, а сега министерот за спорт во интервју за „Радио Слободна Европа“ откри досега непознати детали.

Ристовски откри дека имал разговор со претседателот на Европскиот олимписки комитет и му било кажано дека Македонија ги нема потрените капацитети и комплекси за одржување на настанот.

Поради тоа тој предложил настанот да се одложи или да се намали бројката на учесници на 1.000, но тој предлог бил отфрлен.

„Ние предложивме или да се откаже Олимпијадата што за младинци што се одржува во Македонија, или таа да се редуцира на 1.000 учесници за коишто можеме како држава да дадеме гаранции. Бевме одбиени, бевме одбиени од причина што веќе било премногу касно за да се откаже Олимпијадата за младинци, што е и до некаде разбирливо, меѓутоа имаше обид и кажавме ние дека дека ние немаме капацитет за да за да организираме вака еден масовен настан“, изјави Ристовски.

И покрај тоа Ристовски додаде тие сепак во последен момент помогнале и направиле се што од нив било побарано.

„Од нас беше побарано, на пример, да купиме 150 нови креветчиња за студентските домови коишто ќе останат понатаму во студентските домови. Ние како министерство успеавме од една општествено одговорна компанија да замолиме да донира 2.000 перници, сите оние работи коишто се потребни за тие креветчиња. Беше побарано од нас да го обезбедиме дел од автобускиот превоз којшто го обезбедивме. Беше побарано од нас сите спортски сали да бидат дадени на користење бесплатно, што и донесовме одлука на Влада и ги оставивме сите оние спортски сали бесплатно на користење и беше побарано од нас да помогнеме во промоција на настанот.

Меѓутоа се тоа беше побарано од нас во последните два месеца и ние тоа го направивме со рекламите на оние градски автобуси коишто може не знам дали сте ги виделе вие, меѓутоа го направивме и тоа“, додаде Ристовски.

Повеќе од интервјуто на Ристовски можете да прочитате - ТУКА.