КФМ се огради и ги осуди националистичките слогани на мечот против Романија!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска реагираше поради непримерното однесување на мал дел од навивачите на синоќешниот натпреварот против Романија (72-80), кој синоќа се во Куманово на стартот од претквалификациите за СП 2027.

На трибините беше забележано националистичко навивачи од страна на помал дел од присутните, кое федерацијата го оцени како „неприфатливо и спротивно на вредностите што спортот ги негува“.

„Таквите постапки не го претставуваат духот, вредностите и идентитетот на нашата федерација, ниту го отсликуваат мнозинството од нашите навивачи, кои секогаш ќе бидат пример за спортска култура и поддршка“, порачуваат од КФМ.

Во официјалната реакција се додава дека говорот на омраза и националистичките пораки немаат место на спортските настани:

„Националистички пароли, говор на омраза и поттикнување нетрпеливост немаат место ниту на трибините, ниту во спортот воопшто“, додаваат од Куќата на кошарката.

Од федерацијата апелираат до публиката да се воздржи од слични постапки во иднина и да придонесе кон создавање на инклузивна и безбедна средина на спортските борилишта. Воедно, КФМ најавува целосна соработка со институциите за идентификација на инволвираните поединци:

„Секогаш ќе соработуваме со надлежните институции за идентификација на инволвираните лица, за да спречиме повторување на вакви изолирани случаи“, велат од КФМ.

И покрај инцидентите, од федерацијата потенцираат дека натпреварот бил организиран на највисоко ниво и добил позитивни оценки од сите страни, а жалеат што „една мала група го искористи за несоодветни цели“.

„Повторуваме: спортот обединува – не дели. Нашата заедничка цел е фер натпревар, меѓусебна почит и достоинствено претставување на нашите бои“, завршува соопштението на КФМ.

Оградувањето од Куќата на кошарката доаѓа по реакцијата на дел од албанската јавност во државата, но и на дел од политичарите кои се претставници на албанското малцинство во власта.