Јунајтед во серија од три победи, првпат по 20 месеци

Навивачите на Манчестер Јунајтед се во еуфорија откако нивниот омилен тим денеска ја оствари третата победа по ред во Премиер лигата и се доближи на само три бода од челната позиција на табелата на која се наоѓа Арсенал.

„Топчиите“ имаат еден натпревар помалку, но ако се знае како почна сезоната за Јунајтед, ова е фантастично сценарио во моментов. Првпат откако дојде Рубен Аморим (ноември 2024), тимот врза три победи во домашното првенство што секако позитивно ќе влијае на екипата во следниот период.

Воедно, ова е првпат Јунајтед да победи три натпревари по ред во Премиер лигата од февруари 2024 година кога серијата изнесуваше четири меча. Од 1 до 18 февруари, „ѓаволите“ тогаш ги победија Вулверхемптон, Вест Хем, Астон Вила и Лутон, но на клупата уште беше Ерик Тен Хаг.