Фиорентина ќе го издржува семејството на Астори колку што Роналдињо заигра за Чапекоенсе!

Смртта на Давиде Астори го потресе целиот фудбалски свет, предизвикувајќи цела низа вести поврзани со трагедијата. За жал, продукцијата на вести беше толку масовна, што мнозинството од нив беа непроверени, како логичен резултат – лажни.

Прво почна на социјалните мрежи, а онлајн-медиумите без професионалната потреба да проверат извор, објавуваа сѐ што ќе наиде за Астори. За жал, една од најгласните вести излезе дека е лага, а на која се "фативме" и ние од Спорт1. Астори вчера требаше да потпише договор со Фиорентина кој ќе ги врзеше до крајот на неговата кареира. Тоа е вистина и клубот го потврди.

Свечената церемонија требало да се случи минатата недела, но поради лоши временски услови одложиле за оваа. Сепак, капитенот не го дочека договорот, но медиумите ја продолжија приказната. Молскавично се прошири веста дека Фиорентина го потпишала „доживотниот“ договор со Астори, така што ќе им ја исплаќа неговата плата на неговите сопруга и ќерка. Пренесоа сите медиуми, некои пишуваа и дека клубот потврдил, а всушност станувало збор за една голема лага.

Клубот се огласи по сите дрски пишувања со кратка реченица на својот официјален вебсајт.

„Фиорентина, сè уште во шок од драматичниот момент, бара само молк и почит од сите“, напишаа од клубот.

Иако веста за доживотната плата не е вистина, пишувањата се стишија до ниво дека клубот, сепак, ќе му помогне на семеството Астори со еднократна финансиска помош.

За целава медиумска бесрамност најдобро се изрази некогашниот англиски фудбалер Џони Шарплес, споредувајќи ја оваа со една друга фудбалска трагедија.

„Дали Роналдињо или Рикелме вистински понудија да играат за Чапекоенсе бесплатно? Дали Фиорентина навистина ѝ даде на сопругата на Давиде Астори доживотен договор?

Очигледно изворите не се важни за спортските профили на социјалните мрежи се додека од една трагедија се раѓа добра приказна“, напиша Шарплес.

Со тоа потсети како светските медиуми ја злоупотребија кобната авионска несреќа на Чапекоенсе, пишувајќи дека Роналдињо, Рикелме и уште некои ѕвезди се нуделе да играат бесплатно, од сочувство кон клубот. Наместо тоа, раководството „увезе“ цела нова екипа и почна од нула за да остане на нозе.

Затоа, госпоѓа Астори доби доживотна плата, исто колку што Роналдињо заигра за Чапекоенсе.