Македонија го испрати во пензија најдобриот швајцарски ракометар на сите времиња

Легендата на швајцарскиот ракомет Енди Шмид објави крај на својата професионална кариера, на 40-годишна возраст.

Во ракометна пензија замина неколку дена по завршувањето на Европското првенство во Германија што беше негов последен настап. Ќе остане запишано дека последниот натпревар го одигра (и загуби) против Македонија на 16 јануари 2024 година во Берлин, а Шмид го заврши тој меч со 12 гола. За швајцарската репрезентација одигра 218 натпревари и постигна 1.094 гола, а ќе остане запишан како најтрофеен ракометар во својата земја, со титули во Бундеслигата каде пет пати беше прогласен за МВП на сезоната, потоа ЕХФ купот, Купот на Германија и првенството и Купот на Швајцарија.

Најголем дел од својата 20-годишна професионална кариера помина во Рајн Некар Левен, а крајот го дочека во Кринс-Луцерн.

По завршувањето на кариерата, Шмид ќе тргне по стапките на Кире Лазаров и од јуни ќе биде селектор на швајцарската репрезентација.