Тотален распад на Феникс, на Дурант и компанија им се заканува „метла“ (ВИДЕО)

Минесота Тимбервулфс води со 3-0 во серијата против Феникс откако ноќеска славеше на првото гостување во Аризона со 126-109.

Со тоа Кевин Дурант, слично како и Леброн Џејмс, се најде на еден пораз од елиминација, но и „метла“ во првата рунда од плејофот. Иако долго време го држеше првото место на табелата во Западната конференција, никој не ја сфаќаше сериозно екипата на Минесота, дури и кога водеше со 2-0, но по синоќешниот растур-систем во Феникс, јасно е дека станува збор за екипа со високи квалитети и амбиции.

Во текот на мечот Санс ниеднаш не се најдоа во водство, резултатот неколку пати беше израмнет и тоа во првото полувреме, но Минесота не дозволи противникот да поведе. Прашањето околу победникот беше решено во третата четвртина во која Вулфс отидоа на +22, во последниот квартал имаа и 24 поени предност и до крајот не дозволи ниту најмала неизвесност околу победникот.

Ентони Едвардс беше убедливо најдобар играч во гостинскиот тим, постигна 36 поени, 9 скока и 5 асистенции, а Гобер и Таунс остварија дабл-дабл. Бредли Бил заврши како прв стрелец на Феникс со 28 поени, Дурант додаде 25, а Букер 23, но недоволно барем да се загрози победата на гостинскиот тим.

РЕЗУЛТАТИ
Индијана - Милвоки 121-118 (2-1)
Далас - ЛА Клиперс 101-90 (2-1)
Феникс - Минесота 109-126 (0-3)