СП стана (пре)тешка мисија: Македонија со минус седум се враќа од Торшавн!

Ракометарите на Македонија ќе имаат исклучително тешка задача во реваншот од баражот за пласман во СП 2025, откако вечерва во еден тврд натпревар кој повеќе личеше на шаховска партија загуби на гостувањето кај Фарски острови (27-34).

Противникот одиграа тактички мудро, речиси во целиот меч не напаѓаше од линијата за шест метри со игра без голман, што некако ни ги неутрализира голманите, кои во првото полувреме долго немаа ниту една одбрана. Жолто-црвените не се снајдоа во одбраната, за што говори стартот 2-7 кој како да го најави крајниот епилог. Потоа вративме со три гола во низа, а до крајот на полувремето предноста на домаќинот најчесто изнесуваше четири разлика, за која и не би се лутеле да останеше до крајот.

Но, фаарските ракометари со четири гола во низа кон средината на вториот дел дојдоа до највисоки плус осум (26-18), кои потоа им овозможија да играат полесно. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров потоа успеаја само да намалат најмногу до минус шест, но примија гол буквално во последната секунда за предност на противникот која е биде многу тешко да се достигне во возвратниот дуел.

Мора да се нагласи и малку чудниот критериум на судијките од Германија, кои некако прелесно ги исклучуваа македонските ракометари, кои на крајот дојдоа до бројката осум наспротив само две на Фараните. Филип Кузмановски со осум гола беше убедливо најпрецизен во жолто-црвената селекција, додека по пет погодоци постигнаа Марко Митев и Никола Костески.

Без разлика на крајниот исход, надеж за чудо има се додека се игра, што значи дека не треба однапред да се фрла бело знаме до завршувањето на реваншот закажан за в недела во „Борис Трајковски“. Напротив, трибините на оваа средбата треба да бидат полни бидејќи секоја најситна помош ќе биде драгоцена за Македонија.