Историја во „Борис Трајковски“: Алкалоид првпат го освои Купот на Македонија (ФОТО)
По 60 минути игра, резултатот беше 22-22, а потоа Алкалоид славеше со 3-1 со удари од 7 метри. До титулата, скопската екипа дојде со победи против најтрофејните во македонскиот ракомет, Вардар и Пелистер.
Речиси цело прво полувреме помина во доминација и водство на Алкалоид чие највисоко водство изнесуваше четири разлика (7-3), со можност дополнително да биде зголемено. Откако скопскиот тим не го искористи тоа, Пелистер направи пресврт, одговори со 8-3 и благодарение на голот на Жарко Пешевски пред истекот на времето дојде до 11-10, резултат со кој се замина на голем одмор.
Таквата ситуација ги осоколи ракометарите на Пелистер кои одлично влегоа во второто полувреме и направија од три разлика (14-11 и 15-12). Се чинеше дека тој период ќе го реши прашањето околу победникот, но Алкалоид собра сили и се издигна над сите проблеми. Со серија од 5-0 го презеде водството и поведе со 17-15 во 44. минута, а потоа почна резултатската брканица.
Алкалоид постојано беше во водство, но предноста најчесто се движеше меѓу еден и два гола разлика. Во последните 5-6 минути се играше гол за гол, а кулминација на возбудувањата дојде во самиот финиш. На 30-тина секунди пред крајот, при резултат 21-21, Серафимов го доведе Алкалоид во водство, но остана доволно време за Пелистер. Битолчани одиграа одлична акција, добија пенал, а од 7 метри Кузмановски го израмни резултатот. За Алкалоид останаа 12 секунди, но Митев направи грешка во водењето и натпреварот отиде на пенали.
Серијата почна со две одбрани, Лесјак и Галевски ги одбранија ударите на Серафимов и Кузмановски, во третата серија промашија и Радивојевиќ и Дамјан Митев, Галевски го одбрани ударот на Шорговски, а точка стави Џонов кој погоди за 3-1 и титула на Алкалоид во Купот на Македонија. Симоноски со пет гола беше прв стрелец на Алкалоид, по четири постигнаа Бинго, Дамјан Митев и Велковски, додека Пешевски го предводеше Пешевски со седум гола.
За тимот од Автокоманда ова беше прво финале и прв трофеј во сениорска конкуренција во земјава.