Ау, каков пресврт: Хоселу со голови во 88. и 90. минута му донесе финале на Реал (ВИДЕО)

Екипата на Реал Мадрид ќе игра во големото финале од Лигата на шампионите, откако вечерва во меч со спектакуларна завршница го совлада Баерн Минхен (2-1) по нерешениот исход на првата средба во Германија.

„Кралевите“ уште еднаш покажаа дека се можеби најпосебниот клуб во светот кој никогаш не се предава, па така беше и овој пат бидејќи до пред самиот крај имаа негатива со оглед на голот на Алфонсо Дејвис во 68. минута. Но, во финишот на сцена стапи резервистот Хоселу, кој прво во 88. минута ја искористи аматерската грешка на Мануел Ноер, за само две минути подоцна да се најде на вистинско место во вистинско време и само да ја пласира топката во празната мрежа.

Крајниот исход е сосема заслужен со оглед што шпанскиот тим ја контролираше играта, додека Баварците ја бараа шансата во контранапади. Реал Мадрид во големото финале ќе ги одмери силите со Борусија Дортмунд во обид да дојде до јубилејната 15. круна во ЛШ.