Ѓулер блесна во сиот свој сјај, па доби пофалби и едно ветување од Анчелоти

Реал Мадрид со гол на Арда Ѓулер победи на гостувањето кај Реал Сосиедад, а по мечот сите пофалби одат за младиот турски фудбалер.

Ѓулер пристигна во Реал Мадрид како мега засилување за иднината на клубот, но првите месеци ги одбележаа различните повреди кои ги имаше поради кои се одложи неговото деби. Турчинот дури сега, во финишот од сезоната добива вистинска шанса и максимално ја користи.

Се шпекулираше дека тој ќе биде даден на позајмица идната сезона со цел да има поголема минутажа, но Анчелоти вети дека тој ќе остане во Реал Мадрид, не мрда од Бернабеу.

„Можам да ветам дека Арда Ѓулер ќе остане тука следната сезона, тој е многу важен фудбалер за нашата иднина. Нема сомнеж дека ќе биде тука следната сезона“, потврди Карло Анчелоти.

„Тој има исклучителен квалитет, голем талент е, има дарба. Работеше многу добро. Тренира многу добро. Многу е млад и малку по малку ќе добива лидерска улога во овој состав. Тој постигна повеќе голови од што има минути“.

Самиот Ѓулер вели дека е многу среќен што добил шанса од првата минута и потврди дека ќе остане во клубот.

„Најпрво би сакал да им честитам на соиграчите и да му се заблагодарам на Карло Анчелоти што ми даде шанса. Многу сум среќен што победивме. Реал Мадрид е најдобриот клуб во светот и да се даде гол тука е најдоброто чувство. Многу сум среќен што сум тука“, рече Ѓулер по мечот.

„Не работам само физички, работам и на мојот менталитет. Чекам трпеливо, мојот менталитет е да продолжам да напредувам“.