Лазаров: Не губиме надеж, на реваншот ни треба поддршка како никогаш досега

Македонската ракометна репрезентација доживеа убедлив пораз од Фарски Острови на синоќешниот прв меч од баражот за пласман на Светското првенство.

Селекцијата од северот на Европа триумфираше со седум гола разлика кои нашите ракометари ќе мораат да ги надополнат во реваншот в недела во Скопје ако сакаат да ја продолжат традицијата на настапи на големите натпреварувања. Предводникот на националниот тим Кирил Лазааров ги лоцираше причините за поразот, но најави беспоштедна битка во „Борис Трајковски“.

„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде бевме приморани да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа. Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анлуираме негативата од седум гола. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш досега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела“, изјави Лазаров.

Македонската репрезентација и порано се наоѓала во слична ситуација, но секогаш успевала да излезе како победник.