Ракометарите фуриозно го средија Катар – добриот пласман на СП веќе е реалност!

Македонската репрезентација попладнево дојде до втората победа во петтиот меч на СП во Вараждин, откако со фуриозна и брза игра го прегази тимот на Катар (39-34) за продолжување на теоријата за пласман во четврт-финалето, но и за речиси обезбедено четврто место во групата кое на крајот носи пласман помеѓу 13. и 16. место на глобалниот собир.

Тоа беше средба на многу голови, во кои голманите немаа преголем удел во првите дваесетина минути, а во кои жолто-црвените ја контролираа играта и резултатот. Брзо поведовме со плус три (6-3), но потоа со низа грешки му дозволивме на ривалот во два наврати и да изедначи (11-11). Клучната разлика дојде до влегувањето на Марко Кизиќ, кој со неколку одбрани во серија иницира серија 6-1 со која дојдовме до огромни 20-14 како најава на крајниот триумф.

Нашите ракометари во второто полувреме одиграа мудро и смирено, умешно одржувајќи ја предноста од првиот дел, која им донесе поволна позиција за „затворање“ на натпреварот на начин каков што посакувавме пред почетокот. Најчесто се играше гол за гол, без преголеми ризици во играта, луксуз кој не ни беше потребен со оглед на повеќе од солидната позитива, која не дозволивме да се спушти под два гола (20-22). На секој обид на Катарците да се вратат во мечот одговаравме со цврста одбрана и со паметен напад, кој најчесто го завршувавме со погодок.

Колективната игра бепе најсилно оружје на нашата репрезентација попладнево, со оглед што имавме дури петмина „најдобри стрелци“, па противникот не знаеше од каде попрво да се брани. Филип Кузмановски одново одигра капитенски и заедно со Жарко Пешевски беа најефикасни со шест голови, зад него беа Марко Митев и Ненад Костески со по пет погодоци, додека одличен беше и Милан Лазаровски со четири „тресења“ на противничката мрежа. За одбележување се и трите гола на Никола Маркоски, кој најчесто игра во одбрана и ретко кога се наоѓа во ситуација да ја затресе противничката мрежа.

Пешевски денеска беше одличен со шест гола, а исто толку постигна и Кузмановски, по пет имаа Костески и Митев, а четири Лазаревски.

Македонија сега има четири бодови и е изедначена на втората позиција на табелата со Холандија, а пред Унгарија и Австрија со три бода и секако Катар, кој е без бодови. Овој изглед на табелата, кој и тоа како ни годи, сепак, ќе претрпи промени на крајот од денет со оглед што противниците треба допрва да ги одиграат своите мечеви и тоа Унгарија против Австрија (20.30 часот) односно Холандија против Франција (18 часот). Токму француската селекција е последниот ривал на избраниците на Кирил Лазаров во втората фаза во Вараждин и тоа во меч закажан за в сабота (20.30 часот).