„Сега со други очи ќе ја гледаат Македонија“
Задоволен сум од сѐ што прикажавме до сега, имаме да жалиме за некои работи, но тоа е данок на неискуството. И денеска во три-четири ситуации пропуштивме да го решиме натпреварот, тоа е тоа неискуство на една млада селекција, ако игравме со подобра репрезентација ќе го платевме данокот и токму затоа бев нервозен во одредени ситуации.
Лазаров е свесен дека со подемот на овој тим, останатите ќе не сфаќаат многу посериозно, факт што годи, но и носи поголема одговорност.
Сега, по овие резултати, ние како Македонци знаеме да се опуштиме по успех и многу ќе биде тешко да ги задржиме во овој фокус ракометарите. А, исто така и противниците ќе нѐ гледаат со други очи. Сите репрезентации го имаат тој сладок проблем.
Пред задутрешниот меч со Франција, селекторот само ќе ги одмара играчите, можеби и ќе го откажеме тренингот предвиден за утре.
Останува само да им се заблагодарам на навивачите, ракометарите, на целата македонска јавност, како и на медиумите што сте тука на првенството. Имаме уште еден натпревар против Франција и сега треба да се одмориме добро, мислам и дека нема да тренираме утре. Треба што повеќе да се одмараме и преку видео анализи да се подготвуваме за тој меч. Тоа што е наша задача - е да се обидеме да се прикажаме во најдобро светло против една од најсилните селекции.