Лазаров: Оваа победа е за навивачите, штета што не се тука во поголем број!

Македонската ракометна репрезентација славеше со 39-34 против Катар и ја запиша втората победа на Светското првенство (СП). Селекторот Кире Лазаров им честиташе на неговите избраници и ги сподели неговите впечатоци од натпреварот.

Лазаров е среќен што успеале да победат и посочи дека се гледа напредок во играта поради тоа што веруваат во системот кој е поставен, но исто така посочи дека на мечот против Катар можело да се забележи и неискуство.

„Им честитам на момците за тоа што го даваат за Македонија. Тешко е затоа што одигравме петти натпревар против силен ривал. Секоја чест за нив. Веруваме во тоа што го работиме, свесен сум дека имаме квалитет, веруваме во системот и стратегијата. Се гледа и дека имаме неискуство. Презадоволен сум од победата, но во исто време и незадоволен затоа што против поквалитетен ривал не би победиле. Штета што не се тука навивачите во голем број, како на почетокот, но оваа победа им ја посветуваме на нив“, кажа Лазаров.

Франција е следниот ривал на Македонија на СП, а селекторот е свесен дека ги очекува пеколен натпревар, но вели дека нема што да изгубат.

„Имаме некоја идеја за дуелот против Франција, иако тие се фаворити за злато. Играат во страшен ритам и даваат голови од далечина, имаат ѕвезди кои играат во големи клубови. Немаме што да изгубиме, ќе се обидеме да ја поставиме играта на друг начин, зашто вака би било многу тешко. Очекувам во следните месеци голем дел од помладите ракометари да добијат поголема минутажа“, вели селекторот.

Натпреварот меѓу Македонија и Франција се игра в сабота од 20.30 часот.