Против Данска - без играчот Лазаров и без Миркуловски!

Македонската ракометна репрезентација, денеска, повторно ќе ги одмери силите со светскиот првак Данска, овој пат во Алборг (16 часот), во меч во кој селекторот Кирил Лазаров изненадувачки ќе влезе без ветеранот Филип Миркуловски, но и без сопственото присуство во тимот како играч.

Во составот нема да биде ниту Стојанче Стоилов, кој поради повреда воопшто не отпатува во данскиот град, а нивните места во ростерот ќе ги пополнат Мартин Серафимов, Емилијан Ѓорговски и Михаил Аларов. Кај Данците составот е истиот од првиот натпревар.

Македонија пред неколку дена направи вистинска сензација совладувајќи го актуелниот светски шампион во Скопје со 33-29.