По подолго време – квалитетно дерби: МЗТ му одржа нова лекција на Работнички (ФОТО)

Екипата на МЗТ Скопје дојде до деветтата победа по ред во сите конкуренции, а петта во низа во вечното дерби, откако вечерва без никакви проблеми излезе како победник од пресметката на гостински терен против најголемиот ривал, Работнички (90-72).

Аеродромци доминираа од првиот до последниот момент, а центарци беа колку-толку конкурентни само во дел од првата четвртија, до последното изедначување на мечот (19-19). Потоа следуваше серија 16-5 за гостите од Аеродром со која првпат дојдоа до двоцифрена позитива (35-24), која потоа умешно ја менаџираа до самиот крај. Црвено-белите даваа се од себе да му парираат на објективно посилниот противник, особено што играа со само двајца странци и без репрезентативецот Стојан Ѓуроски поради повреда, но не можеа да направат ништо повеќе од релативно пристоен пораз. Згора на ова, сино-белите имаа фантастичен шутерски ден во првото полувреме, во кое погодија девет тројки, а во еден момент имаа 8/12 во ударите за три поени.

Илајџа Мекејден со 22 поени беше најпрецизен кај МЗТ, додека двоцифрен ефект имаа уште и Војдан Стојановски со 18, Марин Петков со 17 поени и Андреј Магдевски со 12 поени. Во домашниот тим, Брендон Алстон беше најпрецизен со 20 поени, додека зад него беа Филип Наков со 17 поени, Виктор Ефремовски со 14 поени и Роберт Рикиќ со 10 поени и 14 скока.

„Металците“ со овој триумф се изедначија со ТФТ на врвот од табелата со скор 9-1, но со бод помалку од ТФТ кој исто така има девет победи, поради административниот пораз од Ангели. Работнички, пак, останува на средината од суперлигашката табела со учинок 5-5.