Продолжува селекторската драма во Италија: Малдини се закани со оставка поради Пирло

Паоло Малдини би можел експресно да ја напушти функцијата технички директор на Фудбалската федерација на Италија, само 16 дена по неговото назначување.

Според Газета дело спорт, легендарниот поранешен капитен на Милан е подготвен да поднесе оставка доколку не му биде дозволено да го именува Андреа Пирло за нов селектор на италијанската репрезентација.

Малдини го гледа Пирло како идеален човек за почеток на нов проект со „аѕурите“, особено откако Италија остана без селектор. Сепак, неговата кандидатура наиде на сериозен отпор поради комерцијалните врски на Пирло со руската обложувалница Фонбет, што предизвика реакции и од политичкиот врв во Италија. Поради тоа, во Федерацијата почнале да разгледуваат и други кандидати, иако Пирло бил првиот избор на Малдини.

Италијанските медиуми тврдат дека Малдини бил уверуван дека ќе има целосна слобода при изборот на нов селектор, па евентуалното блокирање на неговата одлука би можело да доведе до негово повлекување од функцијата. Доколку тоа се случи, Италијанската федерација би се соочила со нова криза во момент кога се обидува да започне нов циклус и да ја врати репрезентацијата на победничките патеки.