Најуспешните спортисти добиваат Национално признание од Министерството за спорт!

Најдобрите македонски спортисти ќе бидат одликувани со национално признание за врвни спортски достигнувања на свечена церемонија што ќе се одржи утре во Владата (12 часот), кои ќе ги доделат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.

Оваа награда, која претставува симбол на национална почит и поддршка за спортските вредности, им се доделува на спортисти кои постигнале исклучителни резултати во екипните спортови, особено на оние чии успеси досега не беа соодветно вреднувани. Меѓу добитниците се истакнати имиња од фудбалот, кошарката и ракометот. Од фудбалот се Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоси, од кошарката Петар Наумоски и Перо Антиќ додека најбројни се од ракометот - Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска, Клара Боева

Со последните измени во Законот за спорт, признанието може да се додели на спортисти кои се македонски државјани кои имаат освоено златен медал или прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство во екипни олимписки спортови, како и на оние што имаат поставено светски или европски рекорд на официјални меѓународни натпревари.

Добитниците ќе добијат плакета и месечен паричен надоместок во износ од половина до една ипол просечна плата во земјата, согласно законските одредби. Средствата се обезбедуваат од државниот буџет и се исплаќаат преку Министерството за спорт, а деталите за доделувањето и висината на надоместокот ги уредува Владата со посебна уредба.