Милионска премија од РФМ за деветтото место на младите ракометари!

Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) соопшти дека донел две итни одлуки од кои едната се однесува за наградување на репрезентацијата за играчи до 19 години.

Младите ракометари, кои го освоија деветтото место на Светското првенство во Хрватска ќе добијат премија од еден милион денари. Премијата се однесува на репрезентативците и на членовите на стручниот штаб, предводен од Раде Стојановиќ.

Ова е највисоката премија за која било селекција од младите категории која ја усвојува РФМ. Слична награда за својот успех доби и генерацијата 1996, кога на СП за ракометари до 21 година го освои шестото место. Тогаш репрезентативците поделија 10.000 евра (околу 600.000 денари), а селекторот Илија Темелковски доби 1.000 евра.

Втората итна одлука на управниот одбор на РФМ е закажаниот датум за следното генерално собрание. Ќе се одржи на 2 септември, во 11.30 часот, во просториите на Град Скопје.