Лазаров: Знам како ќе игра Сабате, ние треба да бидеме брзи, силни и - паметни!

Кире Лазаров покажа дека му годи двојната улога, играч и селектор, дури можеби и претставува предност во одредени моменти, па затоа се надева и очекува да одиграат добар натпревар вечерва од 20.15 часот.

На познатиот терен во Злин, Лазаров веќе има водено војни со чешките ракометари, но веечрва ќе војува и со Хавиер Сабате, селекторот на Чешка, кој е уште еден огранок на познатата шпанска школа. Се афирмира во Веспрем, освои СЕХА-лига против Вардар, а потоа ја водеше и Унгарија со солиден успех (четврт-финале на СП 2017, ја елиминира Данска). Лазаров вели дека го познава неговиот стил и дека имаме сили за против-игра.

„Познавајќи го Сабате знам дека тој ќе инсистира на висок ритам на игра во текот на сите 60 минути, ние ќе треба да го издржиме тој налет, ќе треба добро и квалитетно да изротираме. Мислам дека сме доволно подготвени, фокусирани за да одиграме онака како што посакуваме. Тие ќе играат брзо, но мислам дека и ние имаме и сила и младост и полетност, добро сме физички подготвени... Сигурно нема да се браниме, ќе играме брзо, но паметно... имаме доволна сила за да можеме да го издржиме тој интензитет што тие ќе го наметнат во текот на натпреварот“, смета селекторот.

Ги одбра најдобрите 16 со кои располага во моментов и кои смета дека ќе можат да ги спроведат насоките од стручниот штаб. Потребна е само дисциплина и фокус.

„Мислам дека поголем дел од овие 16 ракометари кои ќе играат денеска го имаат почувствувано теренот во Злин, знаат дека не е едноставно, дека првиот налет на Чесите е силен и тежок да се издржи. Ќе бидеме фокусирани и подготвени да одговориме на тоа. Знаеме дека Чесите се оптимисти, дека веруваат дека можат да дојдат до СП, но ние веќе ги имаме елиминирано. Мислам дека сме подготвени, дека сме сконцентрирани... Ме радува формата на нашите репрезентативци во пресрет на овој бараж. Имаме прецизно доделени задачи на ракометарите и верувам дека ќе се исполнат и дека ќе одиграме добар натпревар. Многу ќе ни значи поддршката, ќе имаме наши навивачи, а на оваа наша репрезентација секогаш и е добредојдена поддршка од македонската фаланга и тоа ни е дополнителен ветер во грб“, истакна Лазаров.

Македонија ќе се обиде да извади што е можно поповолен резултат пред реваншот во Скопје, в недела. Вкупниот победник од двомечот ќе се пласира на СП 2023 во Полска и во Шведска.