Кизиќ: Се надевам дека моите одбрани помогнаа да дојдеме до големата победа!

Ракометната репрезентација на Македонија денеска дојде до уште еден триумф на СП 2025, откако убедливо го совлада Катар (39-34) во меч со многу голови, кој сепак, беше „скршен“ со неколку врзани одбрани на нашиот втор голман.

Марко Кизиќ влезе во игра во последните десетина минути од првото полувреме, кога за кратко време фати неколку топки, што ни овозможи брзи контранапади и серија 6-1 со која дојдовме до 20-14 и буквално го „скршивме“ натпреварот.

„Одигравме одличен натпревар, дадовме се од себе и успеавме во финишот од првото полувреме да дојдеме до предност која потоа ја задржавме до крајот. Продолживме да играме одлично до крај и заслужено се радувавме на крајот. Брзината и нашата полетност беше предност на овој натпревар, која максимално ја искористивме. Се надевам дека моите одбрани направија некаква разлика. Секако тоа е мотив да продолжам на ист начин, иако и самото играње за националниот тим е мотив сам по себе“, изјави Кизиќ, кој собра девет одбрани на мечот против Катарците.

Жолто-црвените се уште имаат теоретски шанси за четврт-финале, за што меѓу другото ќе ни треба и чудо против Франција.

„Енергетски одлично се чувствуваме иако досега одигравме пет меча. Одигравме добро до сега и се надевам дека така и ќе финишираме“, дополни голманот Кизиќ.

Македонија против „Галските петли“ ќе настапи в сабота од 20.30 часот.