Скандал во Мелбурн: Преку ликот на Ѓоковиќ, нацртан усташки симбол (ФОТО)

На неколку часа пред првиот полуфинален натпревар на Австралија опен, скандал го потресе Мелбурн, а е поврзан со Новак Ѓоковиќ кој во 4:30 часот се среќава со Александер Зверев.

На социјалните мрежи е објавена фотографија од возило во градскиот превоз со ликот на српскиот тениски ас, а преку него со спреј испишана латинична буква У (U), симбол на усташството. Со оглед на тоа што на Твитер, фотографијата ја објави „Младината на хрватското ослободително движење“, може да се претпостави дека оваа организација стои зад акцијата. Движењето е организирано во 1956 година во Буенос Аирес од усташкиот водач Анте Павелиќ.

 

 

Нејасно е која е причината за вакво дело токму во овој момент, ако се знае дека Ѓоковиќ безмалку две децении е редовен гостин во Мелбурн, а никогаш не се случило нешто слично.