Данска четвртфиналист, со себе ја поведе и Германија

Репрезентацијата на Данска ѝ се придружи на Франција како втора која обезбеди пласман во четвртфиналето од Светското првенство, на коло пред крајот на групната фаза.

Данците без никакви проблеми ја растурија Швајцарија со 39-28 и без оглед на исходот од дуелот против Чешка во последното коло ќе го освојат првото место во групата 1. Победникот на овој меч беше познат уште во првото полувреме во кое Данска по една серија од 6-0 поведе со девет разлика (15-6). Во вториот дел предноста одеше и до +13. 

Андерсон се истакна со осум гола, додека Гидсел и Јакобсен постигнаа по шест. Во швајцарската репрезентација, најефикасен беше Ноам со шест гола. Заедно со себе Данска во четвртфиналето ја однесе и Германија која сигурно ќе го освои второто место, без оглед на останатите резултати.

Од групата 2 во која се наоѓа и македонската репрезентација, Франција е веќе во четвртфиналето, а многу веројатно друштво ќе ѝ прави Унгарија која вечерва оствари клучна победа против Австрија со 29-26. Унгарците сега се на второто место со пет бода, а во последното коло се среќаваат со Катар кој е отпишан, без бодови.