Српски ракометар од Пелистер: Нашиот Ангеловски е ист како Жељко Обрадовиќ!

Српски репрезентативец, Урош Борзаш, постигна 11 гола во синоќешната пресметка на Пелистер кај Колштад (27-34) со која битолчани ставија крај на настапот во Лигата на шампионите (ЛШ) со мизерни 0/14.

Тимот на тренерот Бранислав Ангеловски стана само вториот тим во историјата на ова натпреварување и тоа по Загреб кој ја завршил групната фаза без бодови. Србинот и покрај ова е презадоволен од соработката со стратегот, па дури и го спореди со легендарниот кошаркарски тренер, Жељко Обрадовиќ!

„Човечките односи во тимот се одлични, а тренерот е суперкоректен кон нас. Доста е импулсивен, таков е и така треба да го прифатите. Никогаш не сум работел со Жељко Обрадовиќ, но ми се допадна една изјава од Перо Антиќ за него, а тоа е дека 22 часот ти е другар, а два часа ти ја вади душата. Тоа може да се каже и за Бранко зашто навистина е импулсивен, но кога ќе заврши тренингот и кога ќе завршат натпреварите, тој е таму за нас тој е пријател. А и на терен ако го правиш тоа што го бара тогаш нема проблеми. Но, ако не се почитува, тогаш е во сосема друго издание кое можевте да го видите за време на тајмаутот со Вардар во првото коло од плеј-офот“, изјави Борзаш во подкастот „Балкан ракомет“.

Србинот освен по споредбата на Ангеловски со човекот со девет европски титули, направи и уште една, а тоа е дека популарните „Чкембари“ правеле иста атмосфера како навивачите на Партизан - „Гробари“.