Митревски по навика, меѓу најатрактивните голмани на колото во ЛШ (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски, уште еднаш заслужи место меѓу петте најубави одбрани во последното коло од Лигата на шампионите.

Порто можеби ги заврши натпреварите во Лигата на шампионите, но нашиот Митревски го направи тоа со високо крената глава. Не само што беше еден од најдобрите чувари на мрежата, со 15 интервенции во мечот против Алборг, избран е и во топ-листата со пет најатрактивни одбрани.

Станува збор за двојна интервенција, која без дилема ќе го освоеше и првото место, но слична таква направи и Иван Пешиќ од Мешков Брест, за овој пат да ги украде највисоките пофалби.

Најубавиот гол на колото, за жал, го прими Марко Кизиќ, а Мануел Штрлек го освои првото место. Во тимот на колото, пак, има двајца поранешни „вардарци“, Данил Шишкарев од Веспрем како десно крило и Сташ Скубе од Мешков како среден бек. Двајца од идеалната седумка се соиграчи на Кире Лазаров, од Нант, голманот Емил Нилсен и левото крило Валеро Ривера. Најдобар лев бек е Борис Пуховски од Мотор, најдобар десен Недим Ремили од ПСЖ, а прв меѓу пикерите е Патрик Винчек од Кил.