Барселона ги обвини нашите Николов и Начевски за поразот во полуфиналето од ЛШ!

Спортскиот координатор на ракометната секција во Барселона, Жоан Марин, вчера на прес-конференција изрази незадоволство од судењето на полуфиналниот натпревар против Магдебург на завршниот турнир против Магдебург (30-31), оценувајќи дека одлуките на нашите Славе Николов и Ѓорѓи Начевски го оштетиле шпанскиот тим.

Тој објасни дека не барат ништо посебно, туку само ја потенцираат својата страна од приказната од средбата во која македонските судии им покажаа три црвени картони на ракометарите на шпанскиот гигант.

„До Европската ракометна федерација (ЕХФ) пренесовме дека судењето не беше на соодветно ниво за ваков врвен турнир. Се чувствуваме оштетени на овој меч. Поднесовме жалба до одговорниот за натпревари“, изјави Марин, притоа нагласувајќи дека не сака да ја намали вредноста на настапот на другите екипи.

Покрај реакцијата за судењето, координаторот најави дека клубот гради нов тим за сезоната 2025/26.

„Ќе имаме добар тим – помлад, со ентузијазам и нова енергија. Сè има свој тек и некои работи мора да завршат. Време е за подмладување. Не мислам дека ќе изгубиме на квалитет – напротив, ќе имаме одличен тим“, додаде спортскиот координатор на Барселона.

ФОТО: EPA PHOTO