Стоилов, Дибиров и Дисингер потпишаа нови договори со Вардар!

Во текот на денешниот ден беше објавено дека Сергеј Горбок го напушта Вардар, но веднаш потоа пристигнаа добри вести од европскиот шампион. „Црвено-црните“ и следната сезона ќе имаат моќна екипа откако денеска договорите ги продолжиле Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров и Кристијан Дисингер.

Сите очекуваа да видат што ќе се случи со Вардар на чело со новиот претседател Михајло Михајловски, а по вестите дека тројцата фантастични ракометари потпишале нов договор, станува јасно дека европскиот шампион ќе има големи амбиции и во следната титула.

Вардар, освен со овие тројца ракометари, претходно го продолжи договорот со искусниот Иван Чупиќ, а во екипата пристигна и Томислав Јагуриновски, додека иднината на Глеб Калараш наскоро ќе биде решена.

Во следниот период, откако ќе се решат сите договори во клубот со сегашните ракометари, Вардар треба да тргне во ангажирање на нови играчи со кои следната сезона ќе се обидат да го вратат трофејот од Лигата на шампиони.