Почнува јубилејниот 50. Струшки турнир, Вардар ја брани титулата!

Ракометниот „Струшки турнир" денеска ќе доживее полувековна зрелост. Топката ќе се стркала јубилеен, 50-ти пат покрај езерото, а во ова роденденско издание за пехарот ќе се бори македонската елита зачинета со силни екипи од странство.

Турнирот ќе го отворат домаќинот, Струга и Пелистер, во 17 часот, а до крајот на денот ќе играат и Вардар - Алкалоид (19.00) и Бутел -.Целје (21.15ч.). Меѓу вториот и третиот натпревар ќе се случи и мала церемонија на свечено отворање.

Бранител на пехарот е Вардар, кој исто така е и рекордер со 13 титули во Струга, една повеќе од Пелистер. Црвено-црните, покрај Алкалоид за противници ги имаат и Бутел и Целје во групата Б, додека Пелистер, Струга, Татран и АЕК се во А-конкуренцијата. Традиционално, по одигрувањето на трите кола од групната фаза, в сабота, првопласираните екипи ќе се соочат во финалето, вторите за трето место на конечниот пласман итн.

Актуелниот освојувач влегува на турнирот со големи промени, почнувајќи од тренерот Владо Недановски, кој го наследи Давид Дејвис, би притоа мораше да се откаже од неколку планирани засилувања. Пелистер, од друга страна, исто така значајно го промени тимот, но остава впечаток дека квалитетот не е паднат, туку напротив дека е на повисоко ниво. Она што ќе биде заедничко и за двете екипи е дека Струга 2022 ќе им служи за тактичко воигрување пред четвртфиналните предизвици во СЕХА-лигата, Вардар со Нексе, Пелистер со Мешков, на крајот на август.