Спектакл во Скопје: Најдобриот македонски спортист ќе се бори за светска профи-титула!

Најдобриот македонски спортист за 2023 година, Бобан Илиоски, покрај европското и светско злато во т.н. аматерска конкуренција, вечерва (19 часот) ќе се обиде да дојде до титулата професионален светски првак во кикбокс на ВАКО ПРО, во дисциплината К1 (до 88,6 кг).

Негов противник ќе биде Берк Дузенли од Турција, кој е актуелен светски шампион, а спектаклот ќе се одржи во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Во еден од мечевите пред главната борба, ќе настапи и трикратниот светски и европски шампион, македонскиот кикбоксер Димитар Ѓорѓиев. Покрај овие две борби, на истиот настан ќе има и уште шест меча во машка и во женска конкуренција, на кои ќе учествуваат борци од Македонија и нивните противници од Србија, Словенија, БиХ и Израел, кои се актуелни шампиони од официјалните ВАКО-првенства (Светската асоцијација на кикбокс-организации).

Настанот ќе биде отворена со мечот помеѓу битолчанката Марија Димовска и Марија Обрадовиќ од Србија во лоу-кик за постари јуниори.