Букмејкерите не ѝ веруваат на Македонија – очекуваат триумф на Фарски со три гола!

Македонската ракометна репрезентација напорно се подготвува за бараж-двомечот со Фарски Острови за пласман на СП 2025, а дека на избраниците на селекторот Кирил Лазааров задачата воопшто нема да им биде лесна доказ се проценките на обложувачките букмејкери.

Според нив, фарските ракометари се фаворити за триумф на првата средба закажана за задутре (среда) во Торшавен, со оглед што коефициентот за нивна победа e 1.40, со мала интенција на „паѓање“ што значи дека повеќе се уплаќаат пари на „единица“. Гледајќи ги проценките, пак, за хендикепот, може да се изведе заклучот дека нивното очекување е дека Фарски острови ќе победат со три гола разлика на оваа средба.

Ова, секако, се должи на фактот што оваа репрезентација одигра нерешено со Норвешка на годинешното ЕП, а беа на само гол-два негатива во пресметките со Словенија и Полска. Како голема предност на нашиот противник се зема и фактот што билетите за задутрешната пресметка одамна се распродадени и дека ќе постои притисок од трибините од френетични навивачи, кои беа околу 6.000 на континенталните средби во Берлин што е речиси 10-отсто од целата популација на овој остров.

Бројките секако ниту се репер ниту се некој апсолутен показател, но ваквата процена на силите може да донесе само дополнителен мотив кај жолто-црвените ракометари, кои во Торшавен патуваат да се надигруваат и да дојдат до што е можно подобар резултат. Кој, пак, в недела (12 мај) во „Борис Трајковски“ би се трансформирал во виза за СП 2025.