Екипата на Пелистер испушти можеби историска шанса да се доближи до шампионската титула во домашното првенство откако вечерва загуби на гостувањето кај МЗТ Скопје, во првиот меч од финалната серија во домашниот плејоф.

Актуелниот шампион поведе со 1-0, благодарение на триумфот со 82-77, но многу лесно можеше да се случи во предност да дојде битолскиот тим. Пелистер не ги искористи моментите на криза на МЗТ Скопје, како и повредата на Војдан Стојановски кој не играше во последната четвртина, а со тоа пропушти можност да направи брејк на стартот од финалето.

Првото полувреме помина во доминација на домашниот тим кој беше во постојано водство и на голем одмор замина со десет поени предност (50-40). Таквата ситуација важеше до средината на третиот квартал кога Пелистер направи целосен пресврт и поведе со 56-54 за по три четвртини игра, МЗТ да има само минимална предност (65-63).

И во последниот период Пелистер постојано му беше зад петите на шампионот, но не ги искористи моментите на криза на МЗТ кој три минути беше без постигнат кош. На три минути пред крајот беше 74-74, а потоа дојдоа клучните два напада на домашниот тим. Прво Баковиќ погоди тројка, а откако Костовски направи чекори, Танасковиќ постигна кош со фаул и МЗТ веќе отиде на недостижни +6 (80-74). На 70 секунди пред крајот Пелистер пак се доближи на еден посед (77-80), но не успеа да направи целосен пресврт.

Дамјан Стојановски го предводеше домашниот тим со 16 поени, а двоцифрени беа уште Танасковиќ, Гилон и Војдан Стојановски. Планиниќ со 19 поени, 8 скока и 7 асистенции беше прво име кај Пелистер. Вториот меч од серијата најверојатно ќе се игра во вторник, повторно на теренот на МЗТ Скопје.