Миовски: Овие две награди се доказ дека играм од срце за Абердин!

Македонскиот напаѓач Бојан Миовски беше прогласен за фудбалер на сезоната во тимот на Абердин од страна на неговите соиграчи, но и самиот клуб.

Миовски по добиените награди испрати порака преку социјалните мрежи и посочи дека се чувствува среќно затоа што се почитува тоа што игра со срце за Абердин.

„Благодарност до сите мои поддржувачи кои гласаа за мене, ми покажавте колку многу ви значи тоа што го правам кога сум на теренот. Овие две награди ми докажаа дека сè што сум направил од моето срце за овој тим е почитувано и ќе продолжам да правам сè“, кажа Миовски.

Македонскиот фудбалер оваа сезона настапи на 48 меча за шкотскиот тим и притоа постигна 24 гола и четири асистенции.