Карачиќ: Имам уште една година со Вардар, а потоа - сѐ е магла!

Ракометарите на Вардар сигурно ќе уживат посебно внимание во своите репрезентации, барем сега, на почетокот на подготовките, бидејќи се актуелни европски прваци, многу атрактивни за домашната јавност. Такви се Лука Циндриќ, Иван Чупиќ и Игор Карачиќ во Храватска, а последниов веќе даде едно интервју во кое зборуваше, меѓу другото и за плановите со македонскиот тим.

Карачиќ ќе го издржи егзодусот од Вардар, барем оваа сезона и ќе го доработи својот договор, кој важи до 2019 година. За понатаму - не знае.

„Имам договор и за следната сезона и сигурно останувам и тогаш, а потоа – се е во магла. Ќе видиме што ќе биде. По оваа сезона ќе имаме доста промени во играчкиот кадар. Многу ќе си одат, но очекувам и да дојдат многу засилувања“, вели Карачиќ во интервјуто за порталот „Свијет рукомета“.

Тој и неговите соиграчи имаат императив да стигнат до медал на првенството кое се одржува во Хрватска, а според Карачиќ, добра работа е што Лино Червар се вратил на селекторското столче.

„Како што беше случај и со Вардар, нема премногу да ветувам, но секако дека знаеме колку вредиме и дека ќе дадеме сè од себе за најдобар можен резултат. Тоа што се врати Лино Червар на местото селектор е вистински потег. Внесе некои новини или можеби подобро е да кажам дека врати некои стари навики. Сите играчи добија на важност. Имаме подготовки до Нова Година во Загреб, а потоа продолжуваме во Сплит“, додава средниот бек.

Комплетното интервју прочитајте го на „Свијет рукомета“.