Анти-херои во 2025: Димевски и другарите од МОК за ужасната организација на ЕМОФ!

Колку и да се трудат во последниве месеци да презентираат дека летоска одржаните Европските младински олимписки Игри (ЕМОФ) во Скопје биле успешни и донеле огромен бенефит за државата, пред сѐ со скапо платена „пи-ар“ кампања, останува фактот дека тие беа ужасно организирани, со огромни пропусти и проблеми за кои се пишуваше во многу други земји, со непотизам и со плаќање огромни суми за мизерни соби од страна на учесниците.

Поради сето ова, редакцијата на „Спорт1“ во својот традиционален избор на анти-херои честа да го добијат овој епитет за 2025 година им го „даде“ на Даниел Димевски и останатите негови соработници во Македонскиот олимписки комитет (МОК). Причини за такво нешто има многу, па за сето ова најдобро сведочат изјавите на учесниците за пренатрупаните и без клима соби, лошата храна и ограничувањата со вода на пеколни температури (види ТУКА) и тоа по цена од 110 евра по ден (види ТУКА).

Срамно беше да се гледа како натпреварувачите во баскет (3х3) шутираа на кош со скината мрежичка, која немаше кој да ја замени (види ТУКА), додека шпанска спортистка сериозно ќе настрадаше откако ѝ падна таванот врз глава во сместувањето што го обезбедил организаторот (види ТУКА). Спортист од Грузија и спортистка од В. Британија колабираа поради пеколните температури на борилиштата, бидејќи разладувањето било луксуз (види ТУКА и ТУКА), додека велосипедисти од Исланд биле прегазени додека тренирале (види ТУКА).

Гневот во јавноста стана поголем откако во нашиот медиум беше објавена шемата на организацискиот одбор, каде што прво што паѓа во очи е – непотизмот. Така, Александар Богоевски беше извршен директор на Игрите, што и не би било чудно ако не се знае дека е син на тогашниот спортски директор на МОК, Владимир Богоевски, кој ја извршува истата улога и на овој настан на кој се „вртат“ милиони евра.

Семејни претставници имаше и претседателот Димевски и тоа преку ќерката и зетот. Александра Димевска-Манасков беше задолжена за делот од хотелите за семејството од Европскиот олимписки комитет (ЕОК), додека нејзиниот сопруг, Кристијан Манасков беше шеф на „ај-ти“ секторот. (види ТУКА). Директно учество, кое сигурно било „дебело“ наплатено, има и повеќе предводници на т.н. помали федерации, кои му беа лојални на Димевски во неодамнешниот обид да биде сменет од претседателската функција.

А, најголема потврда на нашите зборови за ужасната организација дојдоа и од Италија, поточно од претседателот на тамошната таеквондо федерација, Анџело Чито, кој изрази сериозна разочараност од условите во кои се одржа настанот, нарекувајќи ги „срамни и недозволиви за едно европско спортско натпреварување во 2025 година“ (види ТУКА).