Инспиративно: Пикадо играч со неизлечива болест и слаб вид ја напаѓа светската титула!

Светското првенство во пикaдо, кое во моментов е најпопуларен спортски настан во светот, влегува во својата завршница со бројни изненадувања, а елиминациите на вториот и третиот играч на светот, Лук Хамфрис и Мајкл ван Гервен, целосно ја отворија борбата за титулата.

Меѓу најпријатните изненадувања е 38-годишниот Англичанец Рајан Серл, кој се пласираше во полуфиналето и таму ќе игра против тинејџерската сензација Лук Литлер, актуелен првак. Тој речиси без проблеми стигна до завршницата на турнирот, губејќи само два сета на патот до полуфиналето, исто колку и неговиот следен противник. Малкумина не го очекуваа во оваа фаза, не само поради неговиот низок рејтинг, туку и поради сериозниот здравствен проблем со кој се соочува.

Англичанецот, познат по прекарот „Хеви Метал“, боледува од автозомно доминантна оптичка атрофија – состојба што предизвикува постепено оштетување на очниот нерв и сериозно намалување на видот, што е огромен хендикеп во спорт како пикaдото. Токму поради тоа, неговиот успех на најголемата сцена добива уште поголема тежина.

„Дури во последните година ипол навистина разбрав што значи мојата дијагноза. Видот ми е слаб откако знам за себе, но важно е да знаеш што точно не е во ред. За оваа состојба нема лек и морам да живеам со тоа“, откри Серл.

Тој објасни и како се снаоѓа за време на мечевите, нагласувајќи дека носи контактни леќи за барем малку да го намали заматувањето.

„Понекогаш на сцената морам да го прашам судијата колку поени имам освоено, а понекогаш не. Тоа знае да биде навистина тешко“, призна пикaдистот.

Со победата над Џони Клејтон во четвртфиналето (5:2), Серл веќе си обезбеди награда од 200 илјади фунти, додека евентуалниот триумф во „Александар Палас“ би му донел дури еден милион фунти. Сепак, парите не му се примарна цел. Неговата главна мисија е подигање на свеста за болеста од која страда и која ја носат и членовите на неговото семејство.

„Се обидувам да соберам средства за фондацијата 'Излечи“. Ова е наследна состојба и, за жал, ја пренесов на двете мои деца. Синот ја има во полесна форма, но кај ќерка ми е многу изразена“, објасни Серл.

Тој додаде дека неговата ќерка гледа релативно добро само на растојание до околу два метра и дека поради сериозното оштетување на видот е официјално регистрирана како слабовидна.

„Не верувам дека некогаш ќе може да вози автомобил. Затоа ми е исклучително важно да се зборува за оваа болест и да се обидеме да најдеме лек“, заклучи Серл, чиј сон за светската титула сè уште трае.

ФОТО: EPA PHOTO