Голем удар за Хрватска – без најдобриот ракометар ќе настапи на претстојното ЕП!

Селекторот на хрватската ракометна репрезентација, Дагур Сигурдсон, ги собра играчите во Загреб и ги започна завршните подготовки за Европското првенство, кое од 15 јануари до 1 февруари ќе се игра во Шведска, Данска и Норвешка.

Лошата вест за „коцкестите“ е што еден од најдобрите, Марин Шипиќ, сигурно ќе го пропушти континенталниот шампионат. Селекторот повика 22 ракометари, двајца повеќе од дозволениот број за турнирот, но веќе е јасно дека Шипиќ нема да биде меѓу патниците на континенталниот собир. Искусниот кружен напаѓач беше еден од најдобрите поединци на ланското Светско првенство и херој во дуелот со Унгарија, но повредата на коленото се покажа како премногу сериозна.

„Шипиќ е аут. Шансите да заигра се минимални. Напредокот е многу бавен и не гледам реална можност подоцна да ни се приклучи. Жал ми е, но мораме да продолжиме понатаму“, изјави Сигурдсон.

Селекторот потенцира дека фокусот во наредниот период ќе биде на пронаоѓање рамнотежа меѓу одбраната и нападот и стабилизирање на играта во сите сегменти. Хрватска настапот на Европското првенство ќе го започне во Малме, каде ќе игра во групата Е заедно со Шведска, Холандија и Грузија. Само двете најдобри селекции обезбедуваат пласман во главната фаза, што значи дека секој бод ќе биде од огромно значење.

ФОТО: EPA PHOTO