Перез збудалел – нуди пет ѕвезди на Реал Мадрид за дефанзивец на Борусија Дортмунд!
Германскиот репрезентативец и столб на одбраната на Борусија Дортмунд се наоѓа високо на листата желби на шпанскиот гигант, кој подготвува креативен трансфер-план за да ја избегне високата парична отштета што ја бара германскиот клуб. Причината за засилениот интерес е потребата од долгорочно решение во последната линија. Договорите на Давид Алаба и Антонио Ридигер влегуваат во завршна фаза, додека честите повреди на Едер Милитао внесуваат дополнителна неизвесност. Во такви околности, доведувањето на сигурен и докажан стопер е еден од приоритетите на Реал.
Шлотербек целосно одговара на профилот што го бара мадридскиот клуб. На 26 години, тој веќе се етаблира како еден од најстабилните дефанзивци во Бундеслигата и во европските натпреварувања. Се издвојува со лидерски карактер, добра игра со топка и способност за висока одбранбена линија, а според медиумите и самиот фудбалер е отворен за нов чекор во кариерата и преселба во Ла Лига.
Најголемата пречка, сепак, останува цената. Борусија Дортмунд постави стартна сума од најмалку 70 милиони евра, износ што Реал не е подготвен да го плати целосно во готово. Поради тоа, во Мадрид размислуваат за алтернативни решенија и размена на играчи. Првичните понуди, кои вклучувале делумен паричен износ и млади фудбалери од вториот тим, не наишле на позитивен одговор. Според шпански извори, Реал сега подготвува значително побогат пакет, во кој би биле вклучени дури петмина фудбалери, со цел да се намали паричниот дел од трансферот и истовремено да му се понуди на Дортмунд кадар што се вклопува во нивната развојна политика.
Во Дортмунд засега остануваат внимателни. Приоритет е продолжување на договорот со Шлотербек, кој важи до летото 2027 година, но преговорите не се одвиваат со посакуваната динамика. Тоа отвора простор за можна продажба, со цел клубот да избегне ризик играчот да влезе во последната година од договорот со пониска пазарна вредност. Интерес за германскиот стопер покажуваат и други европски гиганти, меѓу кои Баерн Минхен и Барселона, што дополнително ја комплицира ситуацијата и ја крева цената.
Сепак, добрите односи меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд од претходни трансфери би можеле да имаат клучна улога во евентуалниот договор.
ФОТО: EPA PHOTO