„Организацијата на ЕМОФ е срамна, можно ли е во 2025 да се има вака мизерни услови!“

И покрај трите освоени медали во таеквондо составот на Италија на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), целата делегација се враќа со горчлив вкус од Скопје, поради, како што беше оценето, катастрофалната организација на натпреварувањето.

Претседателот на Италијанската таеквондо федерација, Анџело Чито, изрази сериозна загриженост и разочараност (види ТУКА), нарекувајќи ги условите во кои се одржа настанот „срамни и недозволиви за едно европско спортско натпреварување во 2025 година“.

„Младите ги заслужуваат сите пофалби за покажаната пожртвуваност, но ова што го доживеавме е апсолутно недозволиво. Настапуваа во услови кои не само што не беа достојни за спортисти, туку беа и опасни по нивното здравје. Распаѓање на објекти, хигиенски услови на раб на прифатливото, постојани прекини на натпреварите… И сето тоа при температури блиски до 50 степени, без можност за вентилација поради снемување на струја“, рече Чито.

Тој додаде дека е незамисливо во современо време да се дозволи ваква негрижа и неорганизираност.

„Не можам да сфатам како ваков срам може да помине без последици. Организаторите имаа задача да овозможат основни услови за спорт, а не да ги изложуваат младите на ризик. Ова е понижување за спортот“, заврши италијанскиот функционер.

На крајот, тој упати порака до надлежните од Европскиот олимписки комитет.

„Очекуваме вакви ситуации никогаш повеќе да не се повторат. Некој мора да преземе одговорност и да гарантира дека на идни настани нема да се соочиме со ваков срам“, заврши Чито.

Ова доаѓа по серијата поплаки за ужасното сместување со по двајца во еден кревет, лошата храна, ограниченото давање вода на пеколните температури (види ТУКА), но и по скандалот со непотизмот во организацискиот одбор на ЕМОФ во кој се синови, ќерки и зетовци на водечкиот двоец на МОК (види ТУКА).