Доминација каква не е видена: Мбапе постигна повеќе од половина голови на Реал сезонава

Играта на Реал Мадрид е во голема криза што се гледа и по резултатите последните два месеца во кои „кралскиот клуб“ од +5 отиде на -4 во однос на Барселона.

Екипата има само една светла точка и тоа францускиот голгетер Килијан Мбапе за кого нема замена во нападот и воопшто во играта на Реал. За зависноста на екипата најдобро зборува статистиката на напаѓачот оваа сезона, втора во дресот на мадридскиот тим.

Од вкупно 50 гола на Реал постигнати досега, Мбапе реализира повеќе од половина – 28 и тоа на 23 меча во сите натпреварувања. Со вчерашните два гола против третолигашот Талавера, тој дојде до 58 во 2025 година и се доближи на само еден до Кристијано Роналдо кој го држи рекордот на Реал во една календарска година.

Колку е апсурдна ситуацијата во Реал, најдобро зборува податокот што втор стрелец на тимот е Винисиус со пет гола, а последниот од нив го постигна на 4 октомври против Виљареал. Реал веќе ја договори позајмицата на Ендрик во Лион, па во вториот дел од сезоната, тимот нема да има ни резервен напаѓач, ако не се смета Гонзало Гарсија кој оригинално е член на вториот тим, а на 16 настапи оваа сезона, не постигна ниеден гол.