Шкендија во Ларнака брка историски бод(ови) за – пролет во Европа!
Тетовци вечерва, во последното коло од лигашката фаза, ќе гостуваат кај АЕК Ларнака (21 часот), во дуел во кој освојувањето бод(ови) е императив доколку сакаат да ги задржат шансите за пласман во плеј-офот.
Триумфот над Слован Братислава во претходното коло повторно ја врати Шкендија во игра за европска пролет, иако останува жал за испуштената победа против Јагелонија во самиот финиш и поразот од Дрита. Фокусот сега е целосно насочен кон натпреварот што следува на Кипар, против ривал кој прикажува стабилни партии на меѓународната сцена. Иако во кипарското првенство не ги остварува очекуваните резултати, во Конференциската лига има две победи и три нерешени средби. На домашен терен го совлада АЗ Алкмар и одигра реми со Абердин, а со статус на непоразен домаќин ќе го дочека и македонскиот шампион.
Настапите во Европа, во кои Шкендија за првпат игра лигашка фаза во едно натпреварување на УЕФА, оставија белег и во домашното првенство. Тимот ги заврши обврските уште пред една седмица со 36 бода, без да успее да ја освои титулата есенски првак, дозволувајќи им на Вардар (42) и Струга (41) да се одлепат на врвот на табелата – цена што ја плати токму поради згуснатиот европски распоред.