Урнебес во Шпанија: Реал ѝ измисли ново име на Барселона
Од крајот на минатата сезона, која мадридскиот клуб ја заврши без трофеј, хистеријата во телевизијата е на максимум и постојано се „пали“ атмосферата со напади против судиската организација и, секако, против Барселона. Освен што постојано се жалат дека арбитрите се против нив, упорно се турка т.н. „случај Негреира“ за кој почна и судски процес.
Синоќа во студиото на РМТВ имаше анализа на натпреварот на Реал против нисколигашот Талавера кој „кралевите“ едвај го добија со 3-2, па нормално беше да се спомне и најголемиот ривал. Инфантилноста во редовите на Реал отиде дотаму што водителите не го изговараа името на Барселона, туку ѝ измислија ново.
„Ова беше рунда од Копа дел Реј во која испаднаа многу тимови од Ла Лига. Сепак, понатаму поминаа Реал, Атлетико и ‘тимот што го плаќаше Негреира’ кој го даде првиот гол во 80. минута“, рече водителот.
До крајот на годината, Реал има уште еден меч, на домашен терен против Севиља, но нема шанси за првото место бидејќи разликата е четири бода.