Пресврт: ФФМ го одложи изборот на селектор, причината е - Миленко Неделковски!?
Водечките луѓе на Федерацијата биле револтирани од начинот на кој што Неделковски соопшти дека првиот кандидат за нов селектор, Гоце Седлоски, мора да остане во Вардар до јуни.
Гоце Седлоски ќе го води Вардар и во пролетниот дел и на европските натпревари летово. Тоа ќе остане непроменето. Не знам дали ќе биде селектор или не. Тоа не е прашање за мене. Но, Вардар нема против тој да биде и селектор и тренер на тимот“, рече денеска Неделковски.
Токму ова ги налутило луѓето од Федерацијата, кои требаше до 25 декември да го соопштат новиот селектор, а токму Седлоски беше прв кандидат.
Изборот на нов селектор на Македонија се пролонгира до 15 јануари. Причината се изјавите на денешниот прес на Миленко Неделковски, претседателот на Вардар. Во меѓувреме, Федерацијата ќе стапи во контакт и со други кандидати, ни соопштија од ФФМ.
Ова е пресврт во настаните, зашто ФФМ досега контактираше со двајца можни наследници на Благоја Милевски. Тоа беа Седлоски и Игор Ангеловски, а во преден план излезе стратегот на Вардар, за кој работата беше речиси и договорена.
ФФМ пред неколку дена формираше Комисија за избор на селектор, во која покрај Масар Омерагиќ, претседателот на ФФМ, се и Горан Пандев – директорот на Националните репрезентации, Николче Новески – раководителот на скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на УО на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседателот на ФФМ.
Членовите на Комисијата водеа конструктивен разговор заснован на стручни параметри, систем на работа, долгорочна стратегија, модел на развој на фудбалерите и фокус на резултатска стабилност. Во процесот на селекција се нагласува значењето на тренер кој ги познава домашните фудбалски текови, потенцијалот на нашите играчи и кој може да внесе јасна тактичка идеја и дисциплина во тимот, соопшти тогаш ФФМ.