Панчев го шокира Балканот: За „нашите“ екипи е подобро да не играат во ЛШ!
„Ако сме фудбалски реални и објективни, за сите балкански клубови – не само за Црвена звезда и Партизан, туку и за Динамо, Хајдук и другите – многу е подобро и покоректно да играат во Лигата на Европа. Тука квалитетот е на ниво што е поблиску до нашето и објективно имаме поголеми шанси да освојуваме бодови, да победуваме и да се радуваме“, истакна Панчев во изјава за ТВ Танјуг.
Тој посочи дека и пласман меѓу првите 24 екипи во Лигата на Европа би бил успех за Црвена звезда и дека „црвено-белите“ имаат реални шанси да продолжат понатаму.
„Јас би бил задоволен Звезда да влезе меѓу првите 24. Имаме објективни шанси против Малме, кој има само еден бод и реално е без големи изгледи за пласман. Тоа треба да се искористи – да се одигра добро и да се освојат бод или три. Против Селта ќе биде многу потешко, шпанските екипи каде и да играат се силни и организирани“, изјави Панчев.
Според него, евентуалното „презимување“ во Лигата на Европа и влезот во елиминациската фаза би бил релативен, но значаен успех, по што би следел поинаков тип на натпреварување и размислување. Панчев призна дека Лигата на шампионите е далеку поисплатлива од финансиски аспект, но нагласи дека тоа е практично и единствената причина поради која клубовите од регионот ја „бркаат“ елитната конкуренција.
„Лигата на шампионите ја бркаме само поради парите. Но ако гледаме фудбалски, Лигата на Европа е многу попогодна за нашите клубови“, заклучи легендарниот голгетер.