Салах и Слот привремено ги „закопаа секирите“, но тоа не е крај на нивната кавга!
По јавниот конфликт и критиките упатени кон Слот, Египќанецот беше изоставен од составот за дуелот со Интер во Лигата на шампионите. Во петокот двајцата одржале приватен разговор, по што ветеранот се врати меѓу избраниците, но како резерва, во саботниот меч со Брајтон – негов последен настап за Ливерпул пред заминувањето на Купот на Африка. По натпреварот, тренерот на Ливерпул порача дека нема отворен проблем со својот најдобар стрелец.
„За мене нема ништо што треба да се решава. Тој сега е ист како и секој друг фудбалер. Делата зборуваат погласно од зборовите – Салах беше повторно во составот, а кога требаше да ја направам првата измена, го внесов во игра. Беше закана за противникот и токму тоа го очекуваме од него“, изјави Арне Слот.
Сепак, британските медиуми со скепса ги пречекаа овие зборови. По завршувањето на натпреварот, Салах се упати кон сите трибини на „Енфилд“ за да им аплаудира на навивачите, а особено долго се задржа пред легендарниот „Коп“. Овој гест многумина го протолкуваа како можно збогување со публиката. Токму тоа дополнително ги засили шпекулациите дека египетскиот ас по завршувањето на Купот на Африка можеби нема да се врати во Ливерпул и дека клубот би можел да го продаде уште во текот на зимскиот преоден рок.