Барса безмилосно ги полни мрежите – го чека ли Реал Мадрид нов домашен потоп?!

И покрај бројните повреди и отсуства, екипата на Барселона под водство на Ханси Флик продолжува да гази во ист стил – напад, напад и само напад!

Каталонците влегуваат во неделното „Ел Класико“ против Реал Мадрид (16.15 часот) со „стравична“ статистика зад себе, а шпанскиот „Мундо Депортиво“ направи детална анализа на неверојатната офанзивна моќ на тимот.

Барселона сезонава веќе има 33 постигнати погодоци (24 во Ла Лига и 9 во Лигата на шампионите). Тоа е само нијанса помалку од истиот период лани (39 гола), но фасцинантно е што оваа ефикасност доаѓа во период кога Левандовски, Феран Торес, Ламин Јамал, Рафиња и Олмо беа повредени. Флик мораше да ротира во нападот и користеше 12 различни комбинации, а резултатот повторно е неверојатен - Барса постигна гол на секој меч, серија што трае 48 натпревари по ред, нов рекорд во историјата на клубот!

Каталонскиот гигант има 11 различни стрелци и 14 асистенти во сите натпреварувања оваа сезона. Се паметат „тениските“ победи против Валенсија и Олимпијакос (со по шест гола), но и тие со по три гола во мрежите на Мајорка, Леванте, Хетафе и Овиедо), што покажува дека тимот постојано создава и реализира шанси.

Флик веќе го држи рекордот за најмногу голови против Реал Мадрид во една сезона – вкупно 16! Барса минатата сезона го уништи Реал со 4-0 на „Сантјаго Бернабеу“, потоа го победи со 5-2 во финалето на Суперкупот, славеше 4-3 на „Монжуик“ и со 3-2 во финалето на Купот на кралот. Барселона никогаш во историјата не била толку ефикасна против „кралевите“, дури ни во ерата на Гвардиола.

Германскиот стратег во само 72 натпревари на клупата има 207 постигнати гола – просек од 2,85 по меч! Тоа е највисок коефициент во модерната историја на клубот. Ниту Гвардиола, Луис Енрике, Валверде, Кумaн, ниту Чави не можат да се пофалат со таква ефикасност во првите 70 меча.

ФОТО: EPA PHOTO