Шкендија против ривал од Ирска брка историја за македонскиот фудбал!

Екипата Шкендија вечерва, на скопската арена „Тодор Проески“, го игра најважниот натпревар во својата историја и тоа против ирски Шелбурн (18.45 часот) во склоп на второто коло од Конференциската лига на УЕФА.

За тетовци ова ќе биде првпат да бидат домаќини на натпревар од групната фаза на некое европско натпреварување, а истовремено и шанса за историја, бидејќи можат да станат првиот македонски тим што освоил бодови во ваков вид натпреварување. Досега единствен претставник беше Вардар во сезоната 2017/18 во Лигата на Европа, но тогаш не успеа да освои ниту еден бод.

Клубот од Тетово до оваа етапа стигна преку квалификациите во сите три европски купови. Во првото коло од групната фаза, Шкендија гостуваше кај шпанскиот прволигаш Рајо Ваљекано и покажа борбеност, но сепак беше поразена со 0-2. Шелбурн, пак, важи за далеку полесен тест во споредба со тимот од Ла Лига. Екипата од Даблин, предводена од тренерот Џои Обрајан, во првото коло ремизираше против шведскиот Хакен (0-0). Ирците најавуваат дефанзивен пристап и ќе се обидат со дисциплинирана игра да извлечат позитивен резултат во Скопје, но Шкендија ја гледа оваа средба како идеална можност за прва победа и први бодови во европските купови.

Позитивен момент за тренерот Јетон Беќири е што викендов немаше натпревари во Првата македонска лига, бидејќи целото коло беше одложено поради локалните избори. Тоа му овозможува на стручниот штаб повеќе време за подготовка и фокус кон европскиот дуел. Очекувањата се големи, а поддршката од навивачите ќе биде масовна.