Навивачите ќе добијат уште една битка: Милан нема да игра во Австралија!?

Планираниот меч од Серија А меѓу Милан и Комо, кој требаше да се одигра на 8 февруари во Перт, Австралија, најверојатно ќе биде откажан.

„Гардијан“ објави дека зголемениот притисок од страна на навивачите би можел да ги натера калчолигашите да се повлечат од планот, иако претходно Европската куќа на фудбалот (УЕФА) даде „зелено светло“ за такво нешто.

Оваа информација доаѓа по откажаниот дуел меѓу Виљареал и Барселона во Мајами, а наскоро истата судбина би можел да ја доживее и планираниот меч меѓу Милан и Комо.

Британските медиуми пишуваат дека се врши голем притисок за да биде спречен планот за одигрување на натпреварот, а УЕФА полека, но сигурно ја губи битката.

Фото: AC Milan