Maкедонец е легенда во светската сензација: И денес имам клуч од клупските простории на Мјалби!

Екипата на шведски Мјалби деновиве е вистинска сензација во светот на фудбалот станувајќи тим кој успеал да стане шампион од најмало населено место, а сигурно дека овој нивни успех разбуди посебни емоции кај еден Македонец.

Поранешниот наш дефанзивец и репрезентативец, Даниел Ивановски кој кариерата ја заврши во 2019 година најдобрите денови на клупски план ги помина токму во овој клуб.

Ивановски се повлече токму кога овој клуб на еден начин го започна историскиот поход кон најголемите височини враќајќи се во најсилната конкуренција во 2018 година. Во таа година по заминувањето од Мјалби, Ивановски одигра уште една сезона во Шведска, во тимот на Солвесборг, по што означи крај на кариерата на 37 години. 

Македонскиот дефанзивец е и тоа како добро познат во клубот бидејќи таму мина 11 сезони во кои вкупно собра 159 настапи и постигна еден гол, со седум асистенции.

Дури по повлекувањето од фудбалот тој продолжи да живее на десетина километри од местото од каде што е овој клуб. Сосема очекувано историскиот успех донел голема еуфорија во селото.

Тој ексклузивно за Спорт1, ни ја пренесе атмосферата во земјата, поточно во селото кое стана светско фудбалско чудо. 

„Ги пречекаа и со трактори, луѓето тука се богати, газдите на клубот исто така се од ова место. Интересно е што тие никогаш не дозволија некој друг да дојде во клубот, дури и да имаат понуда од една милијарда, нема да го продадат клубот, си го чуваат и негуваат како нешто свое“.

Посебно е интересен начинот и делот од финасирањето на клубот во кој учествуваат буквално сите кои можат да си дозволат од местото.

„Не ми се веруваше ниту мене кога дојдов, но да, тука секој навивач кој е во можност може да донира пари за да се купи фудбалер или за било што друго. На крајот од годината клубот транспарентно објавува и покажува за што била потрошена секоја круна. Водат голема грижа за економијата“.

Во Мјалби Ивановски завршил сосема неочекувано, бидејќи имал речиси договорен трансфер во Црвена Звезда, меѓутоа не погрешил, денес го сметаат за вистинска легенда на клубот.

„Требаше да одам во Звезда, но потоа се случија некои работи и место таму, завршив тука во Мјалби. Јас тогаш и воопшто не знаев каде доаѓам, тие беа последни во Втората лига. На крајот се погоди одлично што дојдов, тука сега сум како дома и навистина ми е драго што така се однесуваат кон еден странец бидејќи Швеѓаните се познати како ладни луѓе. Јас и денес сум во одлични односи со сите во клубот, навистина ме гледаат како легенда, имаат голем респект, дури и имам клуч од нивните простории, можам да ги посетам кога сакам и да тренирам““, вели Ивановски.

Раскажува Ивановски дека „чудото“ на Мјалби одекнало силно низ целиот свет.

„Неверојатно е тоа што се случува овие денови тука, доаѓаат луѓе од целиот свет, дури и од Јапонија. Сите се чудат, како тоа еден толку мал клуб, успеа да ги победи гигантите“.

Пресвртница во клубот како што вели Иваановски бил моментот кога пред неколку години биле на работ да испаднат во четврта лига.

„Тогаш само еден натпревар не делеше од испаѓање во четвртиот ранг, мораше да победиме и за среќа го направивме тоа, славевме 3-0 и успеавме да опстанеме. Мислам дека тоа беше нешто како аларм дека не смее повторно да ни се случи. Од тој момент работите започнаа да одат во нагорна линија. Денес се функционира со речиси перфектна организција“.

Со Мјалби Ивановски беше дел од три нивоа на шведскиот фудбал, од првата лига каде што Мјалби се натпревауваше од 2006 до 2014 година до третата во: 2016, 2017 и 2018 година. Второлигаш со Ивановски Мјалби беше во неговата последна година во клубот во 2018 и во 2015 година.

Мјалби посебно импресионира со начинот на кој игра, според зборовите на Ивановски ниту еден друг клуб не доминирал и играл на тој начин. 

„Сите се импресионирани од нивната игра, неверојатно никој не освоил титула на ваков начин и со ваква тимска игра, едноставно „играат фудбал“, секој знае што треба да прави на теренот“.

Доказ за неговите зборови се тоа што Мјалби е на чекор да постави рекорд во шведскиот фудбал. Имено, досега ниту една екипа која освоила титула не стигнала до повеќе од 67 бода, Мјалби на три кола пред крајот има 66.

Инаку, кариерата Ивановски ја започна во Вардар, а во Македонија беше дел уште само од Силекс по што ја започна неговата скандинавска авантура, а ги бранеше боите уште на Флонир од Исланд и споменатиот Солвесборг кој беше неговиот последен клуб.

За сениорската репрезентација на Македонија собра пет настапи, но зад себе има и 14 настапи во селекцијата до 21 година и уште два во генерацијата до 19 години..