Џабе им беше провокацијата: Охрид среде Атина го прегази Олимпијакос!
Се обидоа Грците да ги дестабилизираат ракометарите на македонскиот претставник со тоа што вчера место во главната сала ги испратија да тренираат во балон, но тоа на теренот денеска не се почувствува.
Избраниците на Борис Ројевиќ од самиот почеток ја имаа контролата над ситуацијата на теренот, домаќините ниту еднаш не беа во водство, а по израмнувањето од 4-4 во продолжение констатно Охрид имаше предност.
На одмор по првото полувреме заминаа со пет гола предност која беше и највисока во овој период (15-10).
Не се промени сликата ниту по враќањето на теренот, Охрид продолжи со сигурната игра и не дозволи противникот резултатски да се врати во натпреварот. Одличен на голот на македонскиот претставник беше Хрватот Пилиповиќ кој средбата ја заврши со 14 интервенции. Кај Охирд најефикасни беа Анте Иванковиќ и Никалос Лиапис со по седум гола, додека за Олимпијакос не беа доволни ниту 14 гола на Савас.
Пред Охрид сега е реваншот на домашен терен в сабота од 18:00 часот во кој се очекува да ја одбрани оваа предност за место во полуфиналето. Ќе потсетиме, гостински навивачи не беа доволени денеска, а нема да бидат дозволени ниту за вториот дуел.